Skip to main content
European Commission logo
European School Education Platform
Survey

Анкета за подготовката на младите за секојдневниот живот во општеството – Резултати

Според испитаниците во последната анкета на School Education Gateway, секојдневните животни вештини, како што се подготовката на здрава храна и водењето финансии, треба да се изучуваат на секое ниво од образовниот процес, главно преку меѓупредметен (интердисциплинарен) пристап. Анкетата откри дека семејствата и наставниот кадар се најважните чинители во развојот на животните вештини кај децата – нивната способност за справување со проблемите со кои често се среќаваат во секојдневниот живот.

Учењето во текот на целиот живот е активен процес од голема важност во 21-от век. Но, дали истото важи и за учењето за животот? Како подобро да го подготвиме поединецот за практичните аспекти на животот во општеството? Дали знае да приготвува здрава храна, да си го организира буџетот и трошењето на парите, да пополнува официјални формулари, да си го организира времето, да се грижи за здравјето и да биде безбеден? Кога, каде и кој е вклучен во развојот на животните вештини на поединецот?

Оваа анкета имаше цел да ги осознае практиките и ставовите за секојдневните животни вештини. Беше поставена на веб-страницата на School Education Gateway во периодот од 19 март до 9 мај и го привлече вниманието на 547 испитаници од 37 земји, од кои 78% беа наставници или училишни лидери.

1. Во која мера се согласувате/не се согласувате со исказот: „Секојдневните животни вештини, како што се готвењето, водењето на финансиите и движењето низ општествените процеси, се стекнуваат природно, па затоа, нема потреба да се учат во училиште“?

Graph 1

75% од испитаниците не се согласуваат или воопшто не се согласуваат со исказот дека животните вештини се стекнуваат природно, па затоа дека нема потреба да се учат во училиште. Од друга страна пак, околу 16% од испитаниците се согласуваат или целосно се согласуваат, а 9% ниту се согласуваат, ниту не се согласуваат.

2. Според вас, кој е најважно да биде вклучен во развојот на секојдневните животни вештини на децата?

Graph 2

Одговорите даваат силна индиција дека членовите на семејството се најважни чинители во развојот на животните вештини кај децата (86%), а по нив следи наставниот кадар (56%). За 13% од испитаниците, вклученоста на членови на заедницата, како што се луѓе од спортски клубови, здруженија, верски групи и библиотеки, е подеднакво важна со вклученоста на стручните соработници, како што се координаторите за посебни образовни потреби и советниците.

3. Дали секојдневните животни вештини треба да бидат дел од наставната програма?

Graph 3

Испитаниците беа прашани дали секојдневните животни вештини треба да имаат свое место во наставната програма, и доколку сметаат дека треба да имаат, тогаш во која форма. Додека околу 15% не се согласуваат животните вештини да бидат вклучени во наставната програма, затоа што сметаат дека тие треба да бидат дел од неформалното образование (12%) или затоа што сметаат дека наставната програма е веќе преоптоварена (3%), значително мнозинство (86%) од испитаниците одговорија дека животните вештини треба да бидат вметнати во наставната програма. Речиси половина од сите испитаници (47%) се согласија дека животните вештини би можеле да се опфатат преку меѓупредметен (интердисциплинарен) пристап, додека 27% сметаат дека треба да има посебен предмет посветен на животните вештини, а 11% пак изјавија дека постојните предмети би можеле да се прошират за да ги вклучат животните вештини преку интегриран пристап.

4. На која возраст е најсоодветно да се учат секојдневните животни вештини?

Graph 4

Малку над половина од испитаниците (52%) се согласуваат дека животните вештини треба да се изучуваат на секое ниво од образовниот процес. 22% од испитаниците сметаат дека најкорисно би било секојдневните животни вештини да се изучуваат во основно образование, 12% сметаат дека тоа треба да биде во рамки на предучилишното образование и воспитување, 11% во нижото средно образование и 3% во вишото средно образование. Според соодносот на одговорите, се чини дека испитаниците сметаат дека изучувањето на секојдневните животни вештини започнува на рана возраст во училиштето и веројатно завршува пред вишото средно образование. Меѓутоа, кога ги разгледуваме овие бројки, треба да го имаме предвид профилот на испитаниците и да ги толкуваме со одредена доза на претпазливост: во оваа анкета, професорите од средните училишта се позастапени (44%) од наставниците од основното образование (24%), а податоците, исто така, оддаваат впечаток дека според нив изучувањето на животните вештини е посоодветно да се одвива во раните фази од образовниот процес.

5. Кои од следниве точки најдобро го опишуваат „животот во општеството“?

Graph 5

За мнозинството испитаници (58%), „животот во општеството“ се поврзува со ефективно справување со прашањата и проблемите со кои често се среќаваме во секојдневниот живот, додека други 39% сметаат дека тоа подразбира успешно справување со значајни животни промени и предизвици. Тројца од десет испитаници под „живот во општеството“ подразбираат подигнување на свеста за правата на учениците и нивно еманципирање како граѓани, додека двајца од десет испитаници го толкуваат како промовирање позитивно физичко и ментално здравје. И на крај, 16% сметаат дека концептот најдобро се опишува како променливи ставови, мисли и однесувања.

Заклучок

Најголем дел од учесниците сметаат дека секојдневните животни вештини не се стекнуваат природно, и затоа потребно е нивно вклучување во училишното образование, иако примарна одговорност за развивањето на овие вештини имаат родителите и старателите. Поточно, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека тие треба да се изучуваат во сите нивоа од образовниот процес, додека најприфатлив метод за нивно вклучување би бил меѓупредметниот (интердисциплинарен) пристап (овие алатки, проекти и добри практики покажуваат како тоа може да се реализира во практика). Членовите на семејството и наставниот кадар се сметаат за најважни чинители во развивањето на секојдневните животни вештини на децата, а веднаш по нив следат членовите на заедницата и стручните соработници. И на крај, резултатите од анкетата покажуваат дека кога ќе се спомене „живот во општеството“, најголем дел од испитаниците подразбираат ефективно справување со прашањата и проблемите со кои често се среќаваме во секојдневниот живот.

Анекс: Улога на испитаниците

Graph 6

Topics

School subjects